ШАРЕНИОТ БАЛОН ЛЕТА ВИСОКО

web

Шарениот балон лета високо:
само тој се гледа и небото.

Детето што го држи конецот в рака
веројатно чекори меѓу зеленилото
со подотворено срце како прозорче
кон некое друго време.

Детето што го држи конецот в рака
насликано е во сликовниците:
читаше и пишуваше писма,
добрина и љубов умножуваше.

Детето што го држи конецот в рака
не го препознаваме,
а тоа живее некаде меѓу нас
и меѓу соништата.

Детето во занес
себеси се залажува:
конецот одамна е скинат,
а балонот - одлетан во непознатото!

 

 

© Тоде Илиевски
=============================
© Електронно списание LiterNet, 19.05.2004, № 5 (54)